Материјал за годишни тестови за 9 одд.

Материјал за 9 одд. од подрачјето јазик

Македонскиот јазик во 20 век
Крсте Петков Мисирков

Крсте Петков Мисирков е роден во 1874 година во с. Постол ( Пела ) во Ениџевардарско во Егејска Македонија, а умрел во Софија во 1926 година. Неговата книга „За македонцките работи“ е објавена во Софија во 1903 год. која е составена од 5 статии, од кои петтата статија „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ е значајна за создавањето на македонскиот јазик.
Во книгата Мисирков ги изнесува своите ставови за создавање на македонскиот литературен јазик:
1.За основа на литературниот јазик да се земат централните говори (Велес-Прилеп-Битола-Охрид);
2.Правописот да биде фонетски, односно за секој глас по една буква;
3.Во лексиката да се вклучат елементи од сите македонски говори.

При создавањето на литературниот јазик тој дава повеќе предлози како::
-испуштање на интервокално в (знакои, зборои);
-употреба на групата шч (шчо);
-изговор на јн’ за њ (сакајн’а, осеќајн’а).



Македонскиот јазик меѓу двете светски војни

По Балканските војни Македонија била поделена меѓу соседните земји, а македонскиот јазик бил забранет за официјална употреба.
Во овој период се појавиле македонски автори кои создавале фолклорни драми меѓу кои:
1.Васил Иљоски ја напишал драмата „Ленче Кумановче“ („Бегалка“), ја напишал на кумановски говор;
2.Антон Панов ја напишал драмата „Печалбари“ на западномакедонското наречје;
3.Ристо Крле со драмата „Парите се отепувачка“, напишана на струшки говор;
Во овој период биле печатени и првите поетски збирки на:
1.Кочо Рацин со стихозбирката „Бели мугри“ објавена во Самобор, близу Загреб во 1939 год. напишана на централните говори;
2.Коле Неделковски со стихозбирките „М’скавици“ и „Пеш по светот“ на централните говори.
Во овој период се потврдиле централните говори како основа за создавање на македонскиот литературен јазик.





Кодификација (озаконување) на македонскиот литературен јазик

Под поимот кодификација подразбираме прифаќање и систематизација на јазичните правила и закони на еден јазик и пропишување на задолжителна јазична норма.
Кодификацијата на македонскиот јазик е поврзана со три значајни датуми:
1.На 2 август 1944 година, на Првото заседание на АСНОМ кое се одржало во манастирот Прохор Пчински било донесено решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава;
2.На 5 мај 1945 год. била усвоена азбуката;
3.На 7 јуни 1945 год. бил озаконет македонскиот правопис.

Блаже Конески дал голем придонес во кодификацијата на македонскиот литературен јазик, во донесувањето на македонскиот правопис и во изградувањето на литературно-јазичната норма.
Тој е еден од авторите на „Македонскиот правопис со правописен речник“, автор на капиталното дело „Граматика на македонскиот литературен јазик“, редактор на „Речникот на македонскиот литературен јазик“.
Првата граматика ја напишал Круме Кепески во 1946 год.



Фонетика
(дел од науката за јазикот која ги проучува гласовите)

Акцентот на туѓите зборови

Акцент е нагласувањето на одреден слог од зборот.
Туѓите зборови кои навлегле во нашиот јазик се акцентираат на три начина:
-туѓи зборови кои целосно се вклопиле во нашиот третосложен акцент (такви се зборовите кои завршуваат на наставките –ија (хèмија поèзија), -иум àдиум), -ика (грàматика), -ичар (крѝтичар), со други завршетоци (рàдар, сту’дио, кòмичен);
-туѓи зборови кои го задржале акцентот на јазикот на којшто му припаѓаат и кои се акцентираат на:
*првиот слог од крајот на зборот (ателјè, жирѝ, интервју’, коментàр, комбàјн);
* вториот слог од крајот на зборот кај зборовите кои завршуваат на –ура (литерату’ра, култу’ра), -алец (гимназијàлец), -ира (организѝра), -иран (талентѝран), -ивец (оператѝвец)...;
*туѓи зборови кои се акцентираат двојно (и со домашен и со туѓ акцент): бѝлет-билèт, бàлкон-балкòн, рèшо-решò.



Морфологија
(делот од науката за јазикот која ги проучува зборовите)

Минато неопределено несвршено и свршено време

Сложени глаголски форми се формите составени од честичка и глагол или два глагола.
Минато неопределено несвршено и свршено време е сложена глаголска форма која означува минати дејства без да се определи точно моментот на одвивањето на дејството, бидејќи говорителот не бил присутен на местото на одвивањето на дејството.
Се образува од свршени и несвршени глаголи со помошниот глагол сум во сегашно време и глаголската л-форма од глаголот што се менува.
Пр. Јас сум слушнала за тоа место.
Во трето лице се испушта формата од помошниот глагол сум.

чита прочита
еднина множина еднина множина
1.л. сум читал 1.л. сме читале 1.л. сум прочитал 1.л. сме прочитале
2.л. си читал 2.л. сте читале 2.л. си прочитал 2.л. сте прочитале
3.л. / читал 3.л. / читале 3.л. / прочитал 3.л. / прочитале



Идно време

Идно време е сложена глаголска форма која која означува дејство кое ќе се врши или изврши по моментот на зборувањето.
Идно време се образува со честичката ќе и формите за сегашно време од глаголот што го менуваме.

Учи научи
еднина множина еднина множина
1.л. ќе учам 1.л. ќе учиме 1.л. ќе научам 1.л. ќе научиме
2.л. ќе учиш 2.л. ќе учите 2.л. ќе научиш 2.л. ќе научите
3.л. ќе учи 3.л. ќе учат 3.л. ќе научи 3.л. ќе научат


Глаголски конструкции со сум и со има/нема

Сум-конструкциите се сложени глаголски форми кои се составени од формите на помошниот глагол сум и глаголска придавка.
Пр. Јас сум дојден пред вас. Ќе беше сакана од сите.

Има-конструкцијата е сложена глаголска форма која е составена од помошниот глагол има/нема и глаголска придавка во среден род.
Пр. Јас имав одено во тој музеј. Сме немале одено на кино.


Можен начин
Можниот начин е сложена глаголска форма со која се искажува претполагано, можно или посакувано дејство.
Се образува од несвршени и свршени глаголи со честичката би и глаголската л-форма од глаголот што се менува. Разликува по една форма за трите лица еднина и една форма за трите лица множина.
Пр. еднина множина
би одел/-ла/ -ло би оделе



Честички
Честичките се зборови кои го истакнуваат значењето на другите зборови во реченицата. (ли, ќе, би, ете, само, токму...)
Пр. Ја напиша ли домашната? Да, ја напишав.



Извици
Извиците се зборови со кои:
*се изразуваат чувства (среќа, восхит, страв, тага) –Ех, колку е убава!
*се обрнува внимание (еј, пст, мац, иш, бре...) -Еј, дојди овде!
*се имитираат звуци (мјау, крц, бум, трас...) –Трас, се скри чашата!
Извици можат да бидат и други зборови (Пожар! Боже! Мајко!)
Исто така тие можат и да се удвојуваат: -Чук, чук, некој тропна!


Модални зборови
Модални зборови се зборовите со кои се изразува личен став на говорителот кон она што се соопштува. (сигурно, бездруго, можеби, секако навистина, впрочем, за среќа, се разбира, без сомнение )
Со модалните зборови се изразува:
*увереност (Сигурно ќе одам на екскурзија.)
*претпоставка (Можеби ќе одам на екскурзија.)
*тврдење (Бездруго ќе одам на екскурзија.)


Синтакса
(делот од науката за јазикот која ги проучува речениците)

Исказни зависносложени реченици

Во исказните зависносложени реченици зависната дел-реченица го дополнува прирокот или друг член во реченицата , односно го продолжуваат исказот од главната реченица.
Пр. Видов дека гостите дојдоа. Елена одлучи да му помогне на Јован.
Вие бевте известени дека ќе дојдат на гости.
Сврзувачки средства се:
*Сврзници: дека, што, да;
*прашалната честичка дали;
*прашални заменски зборови: кога, каков, каде, чиј.
Исказните зависносложени реченици се одделуваат со запирка само ако зависната е пред главната (обратен редослед или реченична инверзија), а ако се во правилен редослед не се одделуваат со запирка.


Временски зависносложени реченици

Зависните временски реченици го означуваат времето на вршење на дејството во главната реченица.
Пр. Билјана јадеше додека го гледаше филмот.
Кога замина за Скопје, таа плачеше.
Сврзници се: кога, откога, штом, штотуку, тукушто, дури, додека, пред да...
Временските зависносложени реченици се одделуваат со запирка само ако зависната е пред главната (обратен редослед или реченична инверзија), а ако се во правилен редослед не се одделуваат со запирка.

Причински зависносложени реченици

Причинските зависносложени реченици ја искажуваат причината поради која се врши (или не се врши) дејството во главната реченица.
Пр. Не дојде бидејќи беше болен.
Не учествуваше на натпреварот зашто не беше подготвен.
Сврзници се: бидејќи, затоа што, зашто, поради тоа што, заради тоа што.
Кога причинската реченица е пред главната, редовно се одделуваат со запирка, а ако причинската е по главната , се одделуваат со запирка само ако врската меѓу дел-речениците е лабава.


Последични зависносложени реченици

Последичните зависносложени реченици ја означуваат последицата од искажаното во главната реченица.
Пр. Денес бев многу нервозен, така што се испокарав со сите.
Елена дојде толку лута што сите и бегаа од патот.
Постојат два типа на последични реченици:
*кога во главната дел-реченица има заменски зборови (толку, таков);
*кога во главната дел-реченица нема заменски зборови , а во зависната дел-реченица се јавува така што.
Последичните реченици со заменски зборови може да се одделат со запирка или не, додека последичните реченици со така што се одделуваат со запирка.


Условни зависносложени реченици

Зависните условни реченици го искажуваат условот под кој би се вршило или извршило дејството во главната реченица.
Постојат три вида на услов:
*реален услов за кој нема пречки да се исполни (Ако научиш, ќе положиш на тестот.)
*можен услов кај кој има колебање дали ќе се изврши (Можеби ќе дојдам, ако ме пуштат.)
*нереален услов –спротивен на она што се случило (Ќе оздравеше порано, да беше послушен.)
Сврзници се: ако, да, кога би.
Условните зависносложени реченици се одделуваат со запирка ако зависната е пред главната (обратен редослед или реченична инверзија), а ако се во правилен редослед може или не да се одделуваат со запирка.


Допусни зависносложени реченици

Допусните реченици допуштаат да се извршат дејствата во главната реченица.
Пр. Седна да јаде, иако не беше гладен.
И да ме прашаат, нема да одговарам.
Сврзници се: иако, покрај тоа што, макар што, при се’ што, без оглед на тоа што...
Допусните зависносложени реченици се одделуваат со запирка ако зависната е пред главната (обратен редослед или реченична инверзија), а ако се во правилен редослед може да се одделуваат со запирка.

Односни зависносложени реченици

Односните реченици се однесуваат на дејството во главната реченица или на еден нејзин член.
Пр. Внимателно гледаше низ прозорецот што се случува надвор.
Дојдоа гости колку што беа поканети.
Сврзувачки средства се:
*односни заменки: што, кој, којшто, чиј, чијшто;
*заменски придавки: каков што, колкав што;
*заменски прилози: каде што, кога, како што, колку што.
Интерпункција (употреба на запирка):
*ако односната рченица е пред главната (реченична инверзија), редовно се одделува со запирка;
*ако односната реченица е по главната не се употребува запирка;
*ако односната реченица е вметната во сложената реченица и пред и по зависната реченица се употребува запирка (пр. Јован, којшто победи во тенис, не дојде на прогласувањето на победниците.)

Начински зависносложени реченици

Начинските зависносложени реченици го означуваат начинот на одвивање на дејството во главната реченица.
Пр. Тој ќе сведочи како што го советуваа.
Јадеше како да не видел храна.
Без да размислам ја повредив.
Сврзници се: како, како да, (како) божем, небаре, како што и др.
Начинските зависносложени реченици не се одделуваат со запирка.


Целни зависносложени реченици

Целните реченици ја соопштуваат целта (намерата) со која се вршело, се врши или ќе се врши глаголското дејство во главната реченица.
Пр. Тој отиде да купи цвеќе.
За да победи, вежбаше многу.
Сврзници се: за да и да.
Целните зависносложени реченици се одделуваат со запирка ако зависната е пред главната (обратен редослед или реченична инверзија), а ако се во правилен редослед не се одделуваат со запирка.


Стилистика – функционални стилови

Стилистика е наука за стилот, а стил е начин на изразување,
Функционални стилови се:
*научен стил – ги опфаќа областа на науката, образованието и просветата. Јазична карактеристика на научниот стил е присуство на термини карактеристични за одредена област: дефиниција, функција, систем, фактор. Преовладува трето лице, и има поголема употреба на именки и придавки .
Потстилови на научниот стил се:
-строгонаучен (монофрафии, докторски и магистерски трудови);
-научно-учебникарски (учебници, предавања);
-научнопопуларен (книги, статии).

*административен стил –опфаќа општење меѓу државата и граѓаните. Јазична карактеристика е употребата на термини од правото, војската, дипломатијата. Преовладуваат именките над глаголите.
Потстилови:
-законодавно-правен (за закони, решенија, наредби);
-политички (за реферати, изјави);
-деловен (за договори, потврди).

*разговорен стил – застапен во секојдневниот живот. Се карактеризира со спонтаност во изразот, со форми за обраќање, заповедни форми, емотивност.

*уметничколитературен – во кој покрај комуникативната функција се јавува и естетска комуникација. Се карактеризира со: сликовитост, богатство од речничкиот состав.
Потстилови:
-прозен (раскази, новели, романи);
-поетски (епски и лирски);
-драмски (комедија, трагедија).

Видови речници

Речник е публикација во која е собран, среден по азбучен ред фондот на зборови на еден јазик.
Според намената речниците се делат на:
*толковен речник – се толкуваат зборовите на еден јазик (Пр. Речник на македонскиот литературен јазик;
*речник-двојазичен во кој се објаснуваат зборовите од еден јазик на јазикот за чија попуација е наменет (Пр. Македонско-англиски речник);
*речник за одредена наука (Медицински речник, Историски речник).


Интерпункциски и правописни знаци

Дел од нашето писмо се и интерпункциските знаци кои ги користиме во писменото изразување и тие се задолжителни бидејќи ги означуваат речениците и деловите во нив, паузите, интонацијата. Интерпункциски знаци се: точка, запирка, прашалник, извичник, точка и запирка (;), две точки (:), три точки (...), заграда (), наводници „“.

Некои интерпункциски знаци се користат и како правописни: точка, две точки, три точки, загради, апостроф, ѕвездичка, надреден знак, акцентски знак.



Материјал за 9 одд. од подрачјето литература
Лирско – епски видови
Поемата е подолга лирско-епска песна во која се опејува и се раскажува настан од историјата на еден народ или, пак случка од животот на една личност. Основата на поемата е епска, а авторот внесува и свои чувства.Поемата содржи драмски заплети и расплети.
Поеми пишувале: Григор Прличев, Коле Неделковски, Блаже Конески.
За поемата „Сердарот“ Григор Прличев ја има добиено престижната награда „Златен венец“ за поема во грчката литература во 1860 година која ја напишал на грчки јазик. Во неа е опишан ликот на јунакот Кузман Капидан, односно неговото убиство и тагувањето на народот и неговата мајка Неда.
Во поемата „Вардар“ од Анте Поповски е опеана реката Вардар и времињата кои таа ги поминала.

Видови рими
Паралелна рима е онаа кога се римуваат зборови во два (три или повеќе) стиха едноподруго.
Пр. „...Те љубам, мој роден крај
За мене ти си сонувам рај...“

Вкрстена рима е гласовното совпаѓање во првиот и третиот и во вториот и четвртиот стих.
Пр. „Дождот тапани на сите страни.
Ветрот труби.
Раскласуваат водите во вирчиња збрани,
А секој клас веднаш се губи...“

Обгрлена (гушната) рима е онаа кога се римуваат првиот и четвртиот стих и вториот и третиот.
Пр. „...Маглата гризе до утробата.
Ни мрзнат белите дробови.
Не стега в пранги, како робови,
Зимскиот уплав и прокобата.“

Песната „Т’га за југ“ ја напишал Константин Миладинов додека престојувал во Русија и во неа ја опева студената руска клима, наспроти топлата клима во родната земја.

Во песната „Тешкото“ од Блаже Конески преку македонското оро е претставена историјата на македонскиот народ под петвековно ропство и борбата за слобода. Преку градациско редење на слики се редат настаните од најтемниот период на македонскиот народ, па се’ до денешната слобода. Песната започнува со стилската фигура апострофа „О тешкото!...“

Симбол е стилско изразно средство (стилска фигура) со чија помош апстрактните поими или појави се конкретизираат на тој начин што се заменуваат со некој материјален предмет. Се употребува да се постигне поголема сликовитост во изразувањето. Пр. црниот конец- го симболизира ропството, црвениот – крвопролевањето и желбата за слобода, зората симболизира нов ден, надж за подобар живот, симболи на една држава се знамето, химната и грбот.

Во песната „Везилка“ поетот Блаже Конески и се обраќа на везилката да му објасни како да напише една проста и строга македонска песна, на што таа ќе му предложи да ги земе двата конца – црниот и црвениот...

Иронија е стилска фигура (стилско изразно средство) со што на зборовите им се дава прикриено, спротивно значење од она што навистина значат.
Пр. За особината на скржавост се вели: Толку е дарежлив.
За некој што не научил: Ама си научил.

Словенска антитеза е стилска фигура (стилско изразно средство) кое е во форма на претпоставка –теза, негирање на тезата и одговор спротивен на тезата – антитеза. Се среќава во народното творештво кај словенските народи.
Пр. ...Дали негде огин гори,
Та сред огин змии пиштат,
Ели, мајко, веди трештат,
Та се пуста земја тресе? / претпоставка – теза

...Нити синко, огин гори
Ни сред огин змии пиштат... /негирање на тезата

Туку, синко, полошо е
И од огин и од вода:
Врие чедо тиран гладен
Низ нашата црна земја. / одговор спротивен на тезата.

Алегорија е стилска фигура (стилско изразно средство) во кое зборовите се употребени со преносно значење, за на прикриен начин да се прикажат недостатоците кај луѓето во нивните меѓусебни односи. Таа уште се нарекува и проширена метафора. Најчесто се употребува во басните.

Роман
Роман е долга епска прозна форма во која се опишуваат поголем број на настани и има голем број на ликови. Тој има општествено-историска основа и може да биде напишан во проза, поезија и во форма на писма. Според темата што ја обработуваат, романите се делат на: авантуристички, криминалистички, љубовен, семеен, научно-фантастичен.




Авантуристички роман е романот кој прикажува возбудливи доживувања од реалниот живот. Според амбиентот во кој се одвиваат, овие романи можат да бидат:
*пикарски – опишуваат живот на луѓе кои сакаат бурно талкање по светот;
*вестерн.

Љубовен роман е оној во кој како предмет на обработка се земаат љубовните чувства и настани кај луѓето.

Научно-фантастичен роман е оној во кој се раскажуваат настани кои во реалноста тешко можат да се остварат.Настаните и ликовите се нереални-фантастични, а поради употребата на податоци од науката овие романи се научни.


Драма
Драма е литературен род кој се прикажува на сцена.
Драмата е и литературен текст напишан во проза или поезија наменет за изведба на сцена. Драмите се пишуваат во дијалошка форма, односно ликовите говорат меѓусебно, директно.
Дејството во драмските текстови е предизвикано од некој конфликт (судир, недоразбирање). Конфликтот може да биде надворешен (ликовите доаѓаат во судир со некого или нешто) и внатрешен (ликовите имаат свои судири во личноста).
Конфликтот во драмскиот текст придонесува да се развиваат етапи во развојот на дејството.:
1.експозиција –почетна етапа кога добиваме основни податоци за драмското дејство;
2.заплет – почеток на конфликтот;
3.кулминација – судирот го доживува својот врв;
4.перипетија – настани кои водат кон разрешување на конфликтот;
5.расплет – судирот е разрешен во полза или не на главните ликови.

Драмскиот текст има двојна природа бидејќи се чита како литературна творба и е основа за театарска претстава.


Литературно-научни видови текстови
Литературно-научни видови текстови се оние кои се темелат на точни податоци (затоа се нарекуваат научни), а уметнички се затоа што авторот опишува сликовито, опширно и ги изнесува сопствените чувства. Такви текстови се: биографија, автобиофрафија, дневник, патописот, репортажата.

Биографијата е литературно-научен вид кој ги обединува книжевно-историските и уметнички елементи. Се пишува на основа на веродостојни документи за животот и работата на некоја личност. Таа може да биде:
*научна – се темели на архивски и писмени документи;
*уметничка –авторот податоците ги дава на уметнички начин и ги обликува во форма на роман и расказ (таков пример е извадокот „Константин Миладинов“ од Ѓорѓи Абаџиев).

Автобиографија е литературно-научен вид творба во која авторот го опишува својот живот и раскажува за сопствените доживувања, но дава податоци и за условите во кои живее и работи. Најпознати автобиографии во македонската литература се автобиографиите на Марко Цепенков и Григор Прличев.

Патопис е литературно-научен вид творба во кој патувањето и описите на предметите се пренесуваат со личен став. Патописи во македонската литература пишувале: Видое Подгорец, Славко Јаневски, Славе Николовски – Катин...

Репортажа е литературно-научен вид творба во кој се прикажуваат реални (вистинити) доживувања, во кои се опишуваат атмосферата и најважните моменти од некое патување или настан. Репортажи обично пишуваат новинари во весници, списанија, телевизија.

Новинарска статија е објективно, јасно, едноставно и прегледно бележење на факти при следење одредени активности или настани.

Предавањето не запознава со најрелевантните податоци за одредена област, при што се користи стручна литература како и помошни средства: фотографии, шеми, графикони.
Медиумска култура
Филмот е уметност која претставува слика во движење и основно изразно средство во филмот е сликата.
За роденден на филмот се смета 28 декември 1895 година, а основачи се француските браќа Огист и Луј Лимиер. Првите филмови биле неми филмови. Тонската придружба на филмот ја пронашол Ли де Форсет во филмот „Џез пејач““ во 1927 год. Првиот звучен филм се појавил во 1928 година, а тоа е филмот „Јовнка Орлеанка“
Звучни филмови се оние кои се придружени со говор, звук и шумови.
Историјата на македонскиот филм започнува со појавата на браќата Јанаки и Милтон Манаки во 1905 год.
Под поимот глума подразбираме специфичен начин на оживување на драмското дејство со помош на повеќе изразни средства.
Каскадер е двојник на главниот јунак (дублер) што го заменува во снимањето на опасни сцени.
Главни средства кај глумецот кои се важни при снимањето на филмот се: мимика, говор, гест, движење, поглед, природност.

Под филмска музика се подразбира музика која е напишана посебно за филм и служи да создаде атмосфера при гледањето на филмот. Видови на музика кои се употребуваат при снимање на филм се: дескриптивна, документарна, електронска, програмска, сценска.

Звуците и шумовите во филмот се нарекуваат звучни ефекти.

Маска во филмот е посебно обликувана темна површина која се поставува пред објективот на камерата и која овозможува да се експонира или копира онаа површина која не е покриена со маска.
Шминка е средство кое се користи за портретирање на филмските ѕвезди, давајќи им карактеристичен изглед и истакнувајќи ги одредените детали на лицето по кои ги паметат филмските гледачи.

Под поимот адаптација се подразбира прилагодување на веќе постојно уметничко дело или некое друго дело за потребите на филмското производство.


Споредување на театарската, филмската и литературната уметност
Сличности се:
-филмот, литературата и драмската уметност преку своите изразни средства ја одразуваат реалноста, даваат слика за човекот, природата и општеството:
-имаат фабула, односно обработуваат настан од животот на луѓето.
-и трите уметности го користат зборот како изразно средство, но кај филмот основно изразно средство е сликата во движење. Во филмот зборот е во вид на напис, коментар, монолог и дијалог;
-важни елементи и на трите уметности се просторот и времето, а тоа значи дека дејствата се одвиваат во определено време и на определен простор.

Разлики се:
-филмскиот и театарскиот лик е сосема ист за сите гледачи, а литературниот лик е различен за секој читател;
-зборот е апстрактен атеријал, а филмот и театарот се конкретни;
-дејството на филмот и театарот има сегашност – во моментот на гледањето.

Comments

Popular posts from this blog

Стилски фигури