Материјал за годишни тестови за 6 одд.

Материјал за годишен тест
Јазик
I. Историја на јазик
-Јазикот е најсоврешно средство за комуникација. Комуникација или општење претставува способноста на луѓето за разменување на информации.
-Македонскиот јазик спаѓа во семејството на словенските јазици и припаѓа на јужнословенската група јазици. Во јужнословенската група јазици спаѓа и старословенскиот јазик кој бил прв литературен (стандарден) јазик за сите словенски народи. А прв словенски јазик бил прасловенскиот за кој нема пишувани податоци.
-Најстари зачувани ракописи на старословенски јазик кои датираат од 10-12 век се: Асемановото евангелие, Зографското евангелие и Мариинското евангелие.
-Најпознати книжевни школи од тоа време биле Охридската и Кратовската книжевна школа.
-Словенската писменост започнала во втората половина на 9 век, а нејзини основоположници се браќата Кирил и Методиј кои ги превеле првите црковни книги од грчки на старословенски јазик (на кој зборувале Словените од околината на Солун).
-Старословенскиот јазик бил пишуван на две азбуки:
*глаголица која ја создал св. Кирил и броела 38 букви;
*кирилица која броела 44 букви.
-Под поимот азбука се подразбира вкупноста од букви со нивните определени форми и знаци, распоредени по утврден ред. Македонската азбука содржи 31 буква, а била одобрена од Народната влада на Македонија со решение од 5 мај 1945 год.

II. Фонетика (наука која ги проучува гласовите)
-Глас е најмал и неделив дел од говорот. Во македонскиот јазик има 31 глас кои се поделени на:
*самогласки (кај кои при изговорот воздушната струја минува слободно низ усната празнина);
*согласки (кај кои при изговорот воздушната струја наидува на препрека).
-Самогласките (а, е, и, о, у) се носители на слогот, односно имаат слоготоврна функција.
-Со комбинирањето на самогласките и согласките се образуваат слогови.
-Гласот р може да биде носител на слогот и тоа:
*кога ќе се најде меѓу две согласки (др-во, црк-ва, прс-тен);
*кога ќе се најде во почетокот, а по него следи согласка (’р –жи, ’р-ку-лец)- пред р се пишува апостроф.
-Според звучноста согласките се поделни на:
*сонорни (р, л, љ, м, н, њ, ј);
Звучни:
б
в
г
д
ѓ
ж
з
ѕ
џ

Безвучни:
п
ф
К
т
ќ
ш
с
ц
ч
х

Звучните и безвучните согласки образуваат парови. Само согласката х нема свој пар.
-Акцент е наглсаувањето на одреден слог од зборот.
Акцентот во македонскиот јазик е определен, односно има свое место во зборот. Па така:
*едносложните зборови се акцентираат на единствената самогласка: (сон, ден, прв);
*двосложните зборови се акцентираат на вториот лог од крајот на зборот (мајка, дете, јаде);
*трисложните и повеќесложните зборови се акцентираат на третиот слог од крајот на зборот (ученик, училиште, училиштето).
Знакот за акцент секогаш се пишува над самогласката.
Акцентот во македонскиот јазик е и динамичен бидејќи го одликува силината на гласовниот удар врз определен слог.

III.Морфологија (наука која ги проучува зборовите и збороформите)

Во македонскиот литературен јазик зборовите се групирани во единаесет зборовни групи кои понатаму се поделени во две групи:
*менливи зборови кои ја менуваат својата форма и во нив влегуваат:
-именки - зборови кои именуваат суштества, предмети, појави и дејства;
-заменки – зборови што означуваат или посочуваат на лица предмети или појави;
-придавки – зборови кои искажуваат карактеристики за некого и нешто;
-броеви – зборови кои означуваат количество;
-глаголи – зборови кои означуваат дејство и состојба.

*неменливи зборови кои не ја менуваат својата форма и во нив влегуваат:
-прилози – зборови со кои се искажува околноста под која се врши глаголското дејство,
-предлози, сврзници, честици –зборови кои изразуваат одделни граматички значења;
-извици – зборови кои изразуваат чувства;
и модални зборови – зборови кои искажуваат личен став кон нешто што е кажано.

-Именките се поделени на општи и сопствени. Општите именки се поделени на апстрактни и конкретни.
-Глаголски именки се зборовите што означуваат име на глаголско дејство.
Тие се образуваат од несвршени глаголи со наставката –ње (играње, цртање), а мал број свршени глаголи образуваат глаголска именка со наставката –ние (соопштение, собрание, издание).
-Определеност кај именките претставува означување, односно изделување на веќе познати суштества, предмети и појави. Се образува со членски наставки и тоа:
*за машки род: едн. –от, -ов, -он (денот, денов, денон), мн. –те, -ве, -не (деновите, деновиве, деновине);
*за женски род: едн. –та, -ва, -на (жената, женава, женана), мн. –те, -ве, -не (жените, жениве, женине);
*за среден род: едн. –то, -во, -но (детето, детево, детено), мн. –та, -ва, -на (децата, децава, децана).
-По правило сопствените именки не се членуваат, но ако ги членуваме изразуваме посебен однос на говорителот (Дебаров, Пелистерон).

-Под категорија начин се подразбира начинот на вршење на глагоското дејство. Кај глаголите разликуваме три начина:
*исказен начин – Елена црта;
*можен начин – Елена би цртала;
*заповеден начин – Елена, цртај!

-Придавките се зборови кои означуваат некаква особина на именката до која стојат и ја појаснуваат.
-Придавките се поделени во четири групи:
*описни придавки: високо дрво, црвена машна;
*бројни придавки: два цвета;
*односни придавки кои можат да бидат:
1.присвојни (училишна клупа, градски парк),
2.материјални (златен прстен, пченичен леб);
*заменски придавки кои можат да бидат:
1.присвојни (моја книга, нашето маало),
2.количествени (толкава книга, онолкави згради),
3.квалитативни (такви патики, вакви фустани),
4.прашални (колкави очи, каков херој),
5.неопределени (некаков испит, некакви прашања)
6.општи (секакви луѓе).

-Заменки се зборови кои заменуваат и посочуваат лица, суштества, предмети и појави.
Заменките се поделени во три групи:
*лични заменки: едн. 1.л. јас, 2.л. ти, 3.л. тој, таа, тоа, мн. 1.л. ние, 2.л. вие, 3.л. тие.
*лично-предметни заменки;
*показни заменки кои се поделени во три групи:
-прва група посочуваат лица и предмети кои се блиску до говорителот: едн. м.р. овој, ж.р. оваа, с.р. ова, мн. овие.
-втора група посочуваат лица и предмети кои се подалеку од говорителот: едн. м.р. оној, ж.р.онаа, с.р. она, мн. оние;
-трета група посочуваат лица и предмети без просторно определување: едн. м.р. тој, ж.р. таа, с.р. тоа, мн. тие.





IV. Синтакса (наука која ги проучува речениците)

-Главни членови на реченицата се подметот (кој го означува вршителот на дејството) и прирокот (кој го означува самото дејство).
Во функција на подмет можат да се јават:
*именки (Сонцето изгреа над планината. Елена чита.)
*заменки (Таа гледа филм. Оние се најдобри.)
*придавки (Победникот заплака. Црвеноперката пливаше.)
*броеви (Првиот е најдобар. Третата ќе победи.)

-Прилошки определби се зборовите кои ги објаснуваат околностите под кои се вршело глаголското дејство.
-Постојат неколку вида на прилошки определби:
*прилошката определба за време го означува времето на вршење на глаголското дејство. Одговара на прашањето кога? (Утре ќе правиме тест. Тој ќе дојде сега.);
*прилошката определба за место го означува местото на вршење на глаголското дејство. Одговара на прашањето каде? (Седни овде. Во Кочани се сее ориз.);
*прилошката определба за начин го определува начинот на вршење на глаголското дејство. Одговара на прашањето како? (Чита убаво. Дојде трчајќи.)

-Сложена рченица е реченицата која содржи два или повеќе глагола во лична глаголска форма. (Влезе во училницата и седна.)

V. Речник и стил

-Лексичко значење на зборовите:
*синоними се зборови кои имаат различна форма, а исто или блиско значење (куќа – дом, шума – гора, квчерина – зајдисонце);
*хомоними се зборови кои имаат иста форма, но различно значење (Кочани е многу убав град. Град ги опустоши нивите.);
*антоними се зборови со спротивно значење (црн – бел, горе – долу, лево – десно);
*пароними се зборови кои се блиски по изговор, но имаат различно значење (напис – натпис, слуша – суша, Индиец – Индијанец).

-Скратеница претставува скратено пишување на зборовите. (г-дин, ж.р., д-р, мм, о.м.)

-Слеано пишување на сложените зборовите:
1.Слеано пишување на именките:
*две именки поврзани со самогласките о и е (дрворед, очевидец);
*сложени имиња на празници и географски имиња (Велигден, Суводол);
*сложени именки чиј прв дел е туѓ збор (авиомеханичар, видеотека);
*именки чиј прв дел се елементите пол- или полу- (полден, полугодие);
*сложени именки чиј прв дел е број (тримесечје, петденарка);
*сложени именки чиј втор дел го сочинуваат зборовите: литар, метар, грам (децилитар, милиметар, милиграм)

2.Слеано пишување на придавките:
*сложени придавки поврзани со самогласките о и е (босоног, очевиден);
*сложени придавки чиј прв дел се елементите пол- или полу- (полумесечен, полчасовен);
*сложени придавки од типот: двегодишен, едномесечен, седумдневен, триминутен, петвековно);
*сложени придавки чиј прв дел е број (еднократен, осмокрак).

3.Слеано пишување на прилози:
*сложени прилози од типот: двапати, стопати, секојпат, вчераутро...);
*сложени прилози чиј прв дел е предлог: бездруго, досега, навечер);
*сложен прилог чиј прв дел е честичката не (некогаш, некој, нечиј...);
*степенувани прилози (поинаку, најпосле...).

4.Слеано пишување на броевите:
*броевите од единаесет до деветнаесет, десетиците и стотиците од двесте до деветстотини (петнаесет, седумдесет, петстотини);
*приближните броеви (петнаесетина, триесетина).

-Основно и преносно значење на зборовите
При пишувањето на зборовите, покрај основното тие можат да добијат и ново, преносно значење. (Елена носи златен прстен. Тој даде златен гол.)

-Интерпункциски знаци: точка запирка, прашалник и две точки
Правопис е збир од правила за пишување во еден јазик.

1.Пишување на точка запирка (;)
*Во поголемите сложени реченици независните реченици можат да се одделат со точка запирка („Кон чунот се тркалал втор бран; личел на куче, па на лебед...);
*Во ред од реченици во кои се развива една мисла (Јас нема да останам слепа; јас ќе учам, како што учеле сите учени луѓе...);
*Кога речениците во сложената реченица се однесуваат на една главна реченица (Тој знаеше дека може да ја закачи сликата повторно; да ги израдува, да им ја врати вербата).

2.Пишување на прашалник (?)
*Зад прашален збор и израз (Зошто не дојдовте? Јана ќе чита?
*Ако туѓите зборови ги приведуваме точно (Тој го праша: „Ќе одиме на кино?)
*Ако не сме сигурни во она што го тврдиме (Ти доби петка?).


3.Пишување на две точки (:)
*Зад збор по кој следува набројување (Тој купи: домати, морков, зелка.)
*Пред да се приведат туѓи зборови (Бојан рече: „Ќе одиме?“
*По реченица зад која следува една или повеќе реченици кои го дообјаснуваат реченото (Јас сум сигурна: ти ќе бидеш победникот.



Литература

I.Поим и поделба на литературата по родови
-Литература е уметност која со зборови го искажува човековото видување и чувствување и се она што го опкружува.
-Основно изразно средство на литературата е зборот.
-Литературата се дели на три литературни рода кои се разликуваат по надворешната форма:
*лирика – во која поетот ги искажува своите чувства на сликовит начин. Основни елементи на лириката се: музикалноста, емоционалноста и сликовитоста. Се пишува во поезија;
*епика – чиј главен белег е раскажувањето настани во кои учествуваат ликови. Се пишува во проза и поезија;
*драма – кај која најважен е дијалогот меѓу ликовите кој може да биде изведен на сцена. Ликовите ги претставуваат настаните преку разговори, движења, песна и сл. Носители на драмското дрјство се ликовите.

-Содржина на текст претставува сето она што авторот го напишал во творбата. Претставува еден од елементите на творбата.

-Расказ е кратка епска прозна форма во која се раскажува еден настан, еден момент од животот на главните ликови. Во расказот се споменуваат и други настани и ликови кои се во тесна врска со главниот настан и лик.
-Според настаните што ги обработуваат, односно според содржината расказите се делат на: реалистични, хумористични, фантастични, сатирични, семејни, филозофски и др.

-Зборот нарација потекнува од латинскиот јазик и значи раскажување, изложување, прикажување. Оттаму доаѓа и поимот наратор или раскажувач. Раскажувачот никогаш не смее да се изедначи со авторот на творбата, бидејќи авторот ја создал творбата, но и раскажувачот во неа. Раскажувач може да биде: човек, животно, предмет, растение...

Раскажувачот може да биде во:
*прво лице – настаните ги раскажува како нему да му се случиле и
*трето лице/сезнаечки раскажувач – кој има увид во настаните што им се случуваат на ликовите.

-Драмата најпрвин се појавила во старогрчката литература. Зборот драма значи дејство. Како литературен род се појавила пред лириката и епиката. Може да биде напишана во стих и проза.
-Главна одлика на драмата е настаните од животот да ги прикажуваат така како да се одвиваат пред очите на читателот или гледачот.
Во основата на драмскиот текст се наоѓа судирот/конфликтот на два или повеќе ликови со спротивни сфаќања и интереси.
Во драмското дејство постојат две изразни форми во говорот на ликовите:
*монолог – форма на прикажување на драмското дејство во која еден лик не се обраќа на друг, туку разговара сам со себе и со тоа го запознава читателот со своите душевни состојби и желби. Монологот се среќава и во прозните дела и се вика внатрешен монолог.
*дијалог – разговор помеѓу два или повеќе лика во драмското дејство.

-Комуникациски дијалог е разговорот меѓу ликовите со цел да се разберат еден со друг за да си ги кажат своите мисли, желби и потреби. Се употребува во секојдневниот живот за разговор на различни теми со поедноставен израз.

-Мотив е основната мисла водилка, поттикот на авторот да ја создаде творбата. Во лириката мотив е сознанието на поетот за нешто што поттикнало чувства кои тој ги опејал (радост, тага, болка...)
Според мотивот песните се делат на:
*љубовни – во кои се опева љубовта меѓу двајца млади;
*патриотски/родољубиви во кои се опева љубовта и почитта кон родната земја и нејзините убавини;
*пејзажни/описни во кои се опева природата или природните појави;
*хумористични – кои имаат за цел да насмеат.

-Аудитивни елементи се зборовите во песните кои не упатуваат на звуци.
-Визуелни елементи се стиховите кои не поттикнуваат кон создавање слики за она што е опеано. Овие елементи ја збогатуваат сликовитоста и музикалноста на творбата.

-Стилските фигури или стилските изразни средства служат за збогатување на сликовитоста, музикалноста и емоционалноста во творбата.
-Епитет е стилска фигура која стои пред или зад именката и ја појаснува/открива некоја нејзина особина на предметите, односно појавите искажани со именката (поле широко, жолто просо). Епитетот може да биде и удвоен (бистра вода студена) и банален/непотребен (млада мома, рујно вино, стара баба, бел ден, црна ноќ).
-Анафора е стилска фигура со која се употребуваат исти зборови во почетокот на два или повеќе стиха едноподруго;
*Кај што кисне ’ржаница,
кај што се игра кријаница...
-Епифора е стилска фигура со која се употребуваат исти зборови на крајот од два или повеќе стиха едноподруго.
*Штрокот патува на југ наесен,
мојот пат кон светот е наесен...
Овие стилски фигури ја збогатуваат музикалноста на творбата.

-Лирско-епски песни се оние во кои раскажувањето на настан е дадено со силни чувства. Според својата форма се подолги од лирските, а пократки од епските. Можат да бидат народни и уметнички.

Изразување и творење
-Разговор се мислите, односно зборовите кои им ги упатуваме на нашите соговорници, кои пак ни возвраќаат со соодветен одговор.

-Интервју се води со желба во разговорот со некоја позната личност да се даде одговор на едно или повеќе прашања, поради информација заради формирање мислење кај читателите или слушателите. Три главни особини на интервјуто се: изборот на темите, личностите и прашањата.

-Раскажуваме настани во кои сме биле директни учесници или сведоци. Раскажувањето може да биде:
*хронолошко раскажување според редоследот на настаните како што се случувале и;
*ретроспективно раскажување на настаните според сеќавање, со навраќање на истите.

-При опишување или дескрипција се користат и аудитивни и визуелни елементи. Ликовите се носители на настаните кои се раскажуваат во епската творба, односно се носители на фабулата. Секој лик носи внатрешни (карактерни) особини кои ги согледуваме од зборовите на авторот и од постапките на ликовите и надворешни (физички) особини кои ги согледуваме од описите на авторот.

-Извештај е текст во кој авторот известува за одреден настан при што се врши избор на податоците за времето, местото и учесниците на настанот. Јазикот треба да биде прецизен и јасен со што извештајот ќе биде разбирлив и објективен (вистинит).

-Вест е кусо известување за некој нов и значаен настан. Веста треба да биде навремена, вистинита, актуелна, интересна и да дава одговор на прашањата: кој, што, каде, кога, зошто, како. Во веста се запознаваме со одредени податоци за накој настан во кратки црти (место, време, повод, причина, тек на настанот, носител). Јазикот треба да биде јасен и прецизен.

-Раскажуваме настани во кои сме биле директни учесници или сведоци, а прераскажуваме настани за кои сме прочитале или слушнале.


Медиумска култура

-Медиум значи посредник од испраќачот до примачот. Постојат печатени и електронски медиуми.
*Весниците и списанијата се печатат и информациите ги пренесуваат во печатена форма, но и во електронска преку нивните интернет портали.
*Електронските медиуми ги следиме на телевизор, на радио, на компјутерите. Интернетот е медиум за масовна комуникација.

-Книгата ја создава автор кој првичната идеја ја разработува во содржина која читателот ја чита во испечатена или електронска верзија.
Книгите имаат: корици со наслов и автор, имаат страница за идавач, уредник.
Литературните дела содржат и:
*пасус – печатена целина од еден до друг нов ред;
*предговор – дел кој е напишан со цел читателот да се упати во содржината на делото;
*поговор – кој следи по крајот на содржината и е посебен текст кој се дава оценка за делото, се анализира критички, а може да содржи и биографија за писателот, детали важни за животот на авторот кои влијаеле на создавањето на делото;
*глава – целина во содржината на делото која претставува заокружен дел на одредно случување;
*том – делото може да биде составено од повеќе книги поврзани содржински во едно.

-Театарска претстава е изведбата на драмското дело на сцена во театар.
За успешноста на театарскате претстава одговорни се:
*режисерот кој ги организира сите уметнички и технички подготовки во врска со изведбата на драмскиот текст, дава идеја за подготовка на просторот, ги одбира актерите и дава упатства за нивната игра на сцена;
*актерите ги толкуваат ликовите, го претвораат пишаниот текст во жив говор;
*сценографот е задолжен да се грижи за автентичноста на амбиентот во кој се одигрува театарската претстава, односно се грижи за визуелниот изглед;
*костимографот ја подготвува облеката во која ќе настапат актерите како што се опишани во драмскиот текст.
-Артист е личност ангажирана во една или повеќе активности од областа на уметноста, тој создава уметност.

-Медиотека е специјализиран дел од библиотека или самостојно катче во училиште каде освен книги, енциклопедии, прирачници, се чуваат и се документираат дневни весници, списанија, брошури, публикации, ЦД-а со филмови... Опремени се со телевизор, ЦД-плеер, проектори, компјутери со Интернет.

Comments

Popular posts from this blog

Стилски фигури